Важноста и влијанието на видеата во денешниот свет не можат да бидат оспорени. Се поголем број бизниси се одлучуваат своите производи и пораки да ги пренесат преку видео. Но, во видео маркетингот, зборот „видео“ е многу општ поим затоа што постојат повеќе типови на видеа. Секој тип на видео е посебен како во содржината која ја пренесува, така и во целта која треба да ја постигне. Како и во претходниот, така и во овој блог ќе пишуваме за најчести типови на видеа кои докажано им помагаат на бизнисите и организациите да ја придобијат довербата на потрошувачите, а следствено и да растат.
1. ПРЕПОРАКИ
Овој тип на видеа на англиски се познати како testimonials. Препораките се всушност видеа во кои вашите клиенти, кои веќе ги користеле производите и услугите кои ги нудите, го споделуваат нивното искуство во соработката со вашиот бизнис. Се разбира, кај ваквиот вид на видеа, потребно е да вклучите клиенти кои се задоволни од вашиот производ/услуга и се подготвени да дадат искрена препорака за истите.
Во најголем број случаеви, видео препораките се видеа во кои еден и повеќе клиенти пред камера споделуваат искуство за тоа како одреден бизнис им помогнал да решат некој животен проблем, и како вашиот бизнис може да го стори истото за оние кои имаат потреба од тоа.
Зошто да снимите ваков тип на видео за производите или услугите кои ги нудите? Одговорот е едноставен: видео препораките им помагаат на вашите потенцијални клиенти подобро да го сфатат ефектот на производот или услугата кои ги нудите. Да, можете да снимите видео во кое вие самите објаснувате колку е добар и корисен вашиот производ (или услуга), но тоа не им дава на потенцијалните клиенти до знаење какво е мислењето за истиот од некој кој би бил пообјективен - некој кој нема да профитира доколку тој производ (или услуга) се продадат. Видео препораките им помагаат на потенцијалните клиенти да се поврзат со вашиот бизнис, а мостот кој би ве поврзал се вашите веќепостоечки клиенти. Иако интернетот ви нуди и опции за пишани препораки од страна на вашите клиенти (на вашата веб страна, на социјалните медиуми или на вашиот профил на Google My Business), сепак видеото ќе остави многу поголем впечаток во споредба со пишаниот текст.
2. НПП ВИДЕО
НПП е скратеница за најчесто поставувани прашања. Снимање на видео во кое би ги одговориле најчесто поставуваните прашања за вашиот бизнис може да биде од голема полза во поврзувањето со вашите веќепостоечки клиенти, но истото може да ви помогне и во придобивањето на довербата на потенцијалните клиенти. Ако продавате одреден производ или услуга, речиси е сигурно дека потрошувачите ќе имаат одредени прашања пред да го купат, или откако ќе го купат истиот. Некогаш тие прашања ќе ги добиете лично од самите купувачи во вашата продавница (или на терен), а некогаш истите можат да бидат објавени онлјн преку коментар на вашите социјални медиуми, или да ви бидат пратени преку електронска пошта.
Иако потрошувачите може да имаат голем број на прашања, сепак голема е веројатноста дека некои од тие прашања се повторуваат. Наместо постојано да ги одговарате истите прашања преку текст, многу ќе биде подобро и покорисно за вашите клиенти тоа да го направите преку видео.
Видеата пренесуваат многу повпечатлива порака во споредба со текстот. Преку видеото потрошувачите ќе можат да го видат вашиот израз на лицето, говорот на телото и сето тоа ќе придонесе на подобар начин да ја доживеат вашата грижа за потрошувачи. На тој начин веќепостоечките, а и потенцијалните клиенти, ќе сфатат дека не само што ги знаете нивните потреби и прашања, туку и сте се потрудиле да ги решите истите на начин кој е за нив најсоодветен.
_______________
Дали вашиот бизнис има потреба од снимање видео кое би ви помогнало во промоција на вашиот бренд и зголемена продажба? ЛинкАкрос Видео Продукцијата може да ви помогне во тоа.
Контактирајте нѐ и ајде да соработуваме!
тагови
Comments